Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ денеска изјави дека пратениците на Српската напредна партија (СНС) „го затнале носот“ и гласале за измена на Законот за единствен избирачки список, што беше предложено од дел на опозицијата, за на 3 јуни, како што рече, да не кукаат што изгубиле на изборите и внесувале нестабилност, јави дописникот на МИА од Белград.
-Не сме одушевени, благо кажано, за тие неодговорни, несериозни измени, туку гласавме за повисока цел, заради внатрешната стабилност и дијалог со опозицијата, изјави Брнабиќ за ТВ Прва, во врска со измените на законот според кој граѓаните кои во последните 11 месеци го промениле живеалиштето не можат да гласаат на новата адреса, изјави таа.
Брнабиќ, која е и функционер на СНС, рече дека делот од опозицијата што излегува на избори веќе нема да може да зборува за, како што рече, „непостоечки фантомски гласачи“ и оцени дека тие не биле ни присутни на декемвриските избори и дека власта не ги прекројуваше резултатите од гласањето.
Според неа, овие измени на законот се на граница дали се во согласност со Уставот и би можеле да кажат дека за ова нема да гласаат.
-Но, ова само покажува дека немаме што да криеме и дека немало ниту кражба, ниту фантомски гласачи и без проблем рековме ОК, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека СНС не може целосно да се посвети на изборната кампања за локалните избори на 2 јуни поради решавање на националните прашања, особено претседателот на државата Александар Вучиќ, што е голем хендикеп за СНС.