Израелската армија утринава ги повика жителите на населбата во централниот дел на градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа да се евакуираат додека ја продолжува операцијата против Хамас во тој град.
Портпаролот на израелските одбранбени сили (ИДФ) Авичај Адрае на платформата „Икс“ објави список на нови зони во Рафа од кои треба да се евакуираат Палестинците.
Цивилите се повикани да се евакуираат во проширената хуманитарна зона во областите Ал-Маваси и Кан Јунис. Адрае ги предупреди Палестинците да не се движат кон израелската граница, објави „Тајмс оф Израел“.
Овој потег доаѓа откако израелскиот воен кабинет гласаше во четвртокот вечерта за одобрување „ограничено проширување“ на воената операција во Рафа.
ИДФ во понеделникот започна со евакуација на Палестинците од источната периферија на Рафа, пред израелските сили да влезат во областа.
Околу еден милион Палестинци, кои избегаа од конфликтот во другите делови на енклавата, најдоа засолниште во Рафа. Повеќе од 150.000 Палестинци веќе го напуштија градот, објави Гардијан.
Издадена е посебна наредба за евакуација за областа Џабалија во северниот дел на Појасот Газа, каде на жителите им беше кажано да се евакуираат во засолништата западно од градот Газа, рече Адрае.