Најмалку 90 лица се повредени кога патнички воз се судрил со локомотива и празен вагон во главниот град на Аргентина, Буенос Аирес, соопштија локалните власти.
Возот вчера се движел од Буенос Аирес кон северните предградија кога излетал од шините околу 10:30 часот на мост во населбата Палермо, соопштија безбедносните служби, пренесе „АП“. Во судирот оштетен е првиот вагон од патничкиот воз.
На местото на настанот им била укажана помош на десетици повредени, а 30 лица се префрлени во болници во умерена и тешка состојба, додека најмалку двајца биле пренесени со хеликоптер со повреди на градниот кош и скршеници на коските.
Иако сè уште не е познато зошто празниот вагон бил на пругата, аргентинскиот железнички синдикат соопшти дека од железницата е украден неколку метри бакарен кабел што се користи за пренос на електрична енергија по пругата, што го оневозможува сигналниот систем наменет да спречи такви несреќи. Обвинителите соопштија дека започнале истрага.
Официјални лица од аргентинската железничка управа Тренес Аргентинос соопштија дека сообраќајот на популарната железничка линија е прекинат. Лидерите на синдикатот кои жестоко се спротивставија на економското штедење на либералниот претседател Хавиер Милеи, ја обвинија владата за неуспехот да инвестира во јавната инфраструктура.
Судирот доведе до зголемена контрола на безбедноста на железницата во Аргентина, каде што во серија железнички несреќи од 2012 до 2014 година загинаа повеќе од 50, а беа повредени стотици луѓе.