Политичките партии поднесоа 27 жалби за парламентарните избори на 8 мај. Продолжува рокот од 72 часа во кој Државната изборна комисија треба да одлучува по жалбите. Коалицијата ВРЕДИ поднесе најмногу жалби, вкупно 10, по што следат ВМРО-ДПМНЕ 8, СДСМ 5 и Левица 4.
Од ДИК за Алсат информираат дека жалбите на партиите се за повеќе изборни единици, низ целата држава.
„Жалбите на ВРЕДИ се сите во Изборната единица број 6, односно во избирачките места во Тетово, Гостивар, Желино, Боговиње и Врапчиште. Жалбите на ВМРО-ДПМНЕ се за избирачките места во Охрид, Демир Хисар, Крушево, Кичево, Струга, Битола, Долнени и Ресен. Жалбите на СДСМ и коалицијата се за Изборната единица број 5, односно за Струга, Битола и Кичево. Додека жалбите на Левица за Чаир, Струга и Гази Баба“, велат од ДИК за жалбите на партиите за парламентарните избори на 8 мај.
До понеделник, ДИК мора да одлучи дали ќе ги одбие или ќе ги прифати жалбите на партиите. Во случај резултатот од гласачките места кои се предмет на приговори да влијаат на севкупниот резултат, ДИК може да побара да има повторно гласање.
Во меѓувреме, роковите за конституирање на Собранието продолжуваат, односно до 28 мај треба да се свика конститутивна седница, која ќе трае најмногу три дена. 10 дена по конституирањето на Собранието, претседателот на државата е обврзан да го додели мандатот за формирање на Владата. Мандаторот, во рок од 20 дена, до Собранието мора да достави владина програма и предлог за составот на владата, кои потоа ќе бидат изгласани во Собранието со 61 глас.