Палестинската група Хамас денеска соопшти дека починал уште еден од заложниците киднапирани за време на нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година. Хамас објави видео во кое се вели дека Надав Поплвел, кој бил киднапиран од јужната израелска заедница Кибуц Нирима, починал откако бил ранет во израелски воздушен напад во Појасот Газа, пренесуваат британските медиуми. Израелската војска (ИДФ) веднаш не го коментираше најновото видео на палестинската милитантна група, но претходните видео пораки на Хамас со заложниците ги нарече „психолошки терор“. Претходно денеска Хамас објави видео од 51-годишниот заложник пред бел ѕид, со модринка над десното око, кажувајќи го неговото име. Неколку часа подоцна, во друга снимка се вели дека тоа е Поплвел, британски државјанин, кој починал од повредите здобиени пред еден месец во израелски воздушен напад. -Почина бидејќи не доби интензивна медицинска нега во медицинските установи уништени од непријателот во Појасот Газа, изјави Абу Убаида, портпарол на вооруженото крило на Хамас. Според израелската евиденција, од 252 киднапирани лица, 128 останале во Газа, а најмалку 36 биле прогласени за мртви од израелскиот форензички комитет.