Шеесет и два отсто од граѓаните на Европската унија сметаат дека на нивното ментално здравје негативно влијаеле настаните како пандемијата на Ковид и агресијата врз Украина, покажуваат податоците на Евробарометар, објавени денеска на почетокот на петтата Европска недела на менталното здравје.
Покрај пандемијата на Ковид и војната во Украина, граѓаните на ЕУ како вознемирувачки настани ги наведоа и климатската криза, невработеноста и трошоците за храна и енергија.
Европската недела на ментално здравје се одбележува од 13 до 19 мај под мотото „Подобро заедно: Заедно создавајќи ја иднината на менталното здравје“, со задача да ја подигне свеста, да ја намали стигмата и дискриминацијата и да се залага за подобра грижа за менталното здравје.
Во однос на податоците на Евробарометар, се смета дека ситуацијата е слична во цела Европа и затоа се истакнува потребата од промена на односот кон менталното здравје.
Овогодинешната недела ќе послужи како платформа на која ќе се здружат поединци и организации од цела Европа, а во процесот на одлучување покрај експерти ќе бидат вклучени и лица со ментални здравствени проблеми.
Одбележувањето на Европската недела на ментално здравје е иницирано од организацијата Mental Health Europe, која сака да ја подигне свеста дека менталното здравје не засега сите и дека сите имаме улога во создавањето подобра иднина.