Израелските демонстранти вчера блокираа камиони со хуманитарна помош за Газа, фрлаа пакети со храна на патот и кинеа вреќи со жито. Камионите, кои беа запрени на контролниот пункт Таркумија западно од Хеброн, дојдоа од Јордан и беа на пат кон Појасот Газа каде на луѓето очајно им е потребна хуманитарна помош.
Групата, која наводно стои зад протестот, рече дека протестира против држење на израелски заложници во Газа. Снимките споделени на социјалните мрежи покажуваат како демонстрантите фрлаат кутии од камиони и ги газат.
Се појавија и снимки кои покажуваат дека камионите биле запалени синоќа. Автентичноста на овие снимки не е потврдена.
Според пишувањата на израелските медиуми, протестот го организирала групата Цав 9. Медиумите пишуваат дека се работи за десничарска група која се обидува да спречи испраќање хуманитарна помош во Газа додека не бидат ослободени и последните израелски заложници.
Во изјавата цитирана од Ерусалем пост, Цав 9 отфрли некои од акциите на демонстрантите. Тие наведуваат дека „денес се направени дела кои не се во согласност со вредностите на нашето движење“.
Се додава, сепак, дека „блокирањето на камионите е ефективен и практичен чекор во кој велиме дека „никаква помош нема да помине додека не се вратат последните заложници““.
На протестите се уапсени четворица демонстранти, меѓу кои и малолетник, велат нивните адвокати.
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан рече дека однесувањето на демонстрантите е „целосно и крајно неприфатливо“ и дека Белата куќа ја изразува својата загриженост до „највисокото ниво на израелската влада“.