Двајца рудари загинаа, а третиот се води како исчезнат по потресот што предизвика делумно уривање на дел од рудникот Мисловице-Весола во јужна Полска, соопштија денеска властите.
Рајмун Хорст, заменик-извршен директор на компанијата „Полска група горница“, во чија сопственост е рудникот, изјави дека двајца рудари кои спасувачите ги пронашле и извадиле на површина биле мртви, додека еден е пренесен во болница.
Тој додаде дека вкупно 12 рудари се повредени, а девет работници поради повредите се пренесени во болница. Спасувачите се уште трагаат по исчезнатиот рудар, но немаат контакт со него, додека на лице место работат шест екипи за спасување.
Потресот се случи во текот на ноќта на длабочина од 870 метри под земја во близина на карпата за јаглен, област особено изложена на навлегувања или експлозии на гас метан, кој е присутен во карпите во многу полски рудници за јаглен.
Во текот на 2024 година се случија три фатални несреќи во рудници за јаглен во Полска.