Германскиот канцелар Олаф Шолц во вторникот го поздрави договорот на министрите за финансии на земјите од Европската унија за реформа на законот за азил, зад кој во најголем дел стои Германија.
„Договорот на министрите за финансии е последниот чекор кон вистински историски договор за реформа на пакетот политика за азил“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц по средбата со шведскиот премиер Улф Кристерсон во Стокхолм, соопшти кабинетот на канцеларот.
Шолц истакна дека оваа реформа е спроведена благодарение на германската влада, а се заблагодари и на министерката за внатрешни работи Ненси Фезер и на министерката за надворешни работи Аналена Баербок кои се изборија за реформскиот пакет на ниво на ЕУ.
„Сега во Европската унија имаме многу подобри основи за, од една страна, хумано ограничување на нерегуларната миграција и, од друга страна, за сигурна регистрација на бегалците на надворешните граници на ЕУ“, рече Шолц.
Тој додаде дека особено земјите како Германија и Шведска, кои се познати како најпосакувани крајни дестинации за бегалците, ќе бидат олеснети со новите правила.
Новиот пакет закони ќе овозможи филтрирање на лица кои немаат перспектива за азил во Европската унија, на надворешните граници. Истовремено, треба да се олеснат оние земји од ЕУ кои трпат најголем притисок од бегалците, како Грција или Италија.
Новите закони овозможуваат и полесно депортирање во т.н безбедни земји.
Германскиот полициски синдикат изрази скептицизам дека новиот пакет мерки ќе го даде посакуваниот плод.
„Мигрантскиот притисок врз Европа сè уште ќе остане висок. Се додека Германија не ги намали или укине мерките што привлекуваат бегалци, илегалната миграција нема да се намали“, рече претседателот на полицискиот синдикат Хајко Тегац, кој се залагаше за одржување на граничните контроли кои во моментов беа во сила кон Австрија, Чешка, Полска и Швајцарија.
Аналитичарите оценуваат дека многумина во германската СПД со години укажуваат на успешниот модел на данските социјалдемократи, кои драстично ја заостри политиката кон мигрантите со многу мерки, што во исто време доведе до пад на популарноста на радикалната десница во таа земја.
Според анкетите на јавното мислење, десничарската популистичка Алтернатива за Германија (AФД) би можела да победи на претстојните локални избори во неколку источни сојузни покраини. Според истите истражувања, граѓаните како најголем политички проблем ја наведуваат неконтролираната имиграција, која е и главна предизборна тема на АфД.