Најмалку 147 загинати во историски поплави во Бразил

Претседателот на Брзил Луис Инасио Лула да Силва во понеделникот призна дека неговата земја „не била подготвена“ за историските поплави што го погодија нејзиниот југ и предизвикаа трагедија во која загинаа најмалку 147 луѓе и продолжуваат поради обилните дождови.

Тој најави дека в среда ќе отпатува во сојузната држава Рио Гранде до Сул, трет пат од почетокот на невидените временски непогоди кои започнаа пред две недели. „Ова е катастрофа од размери за кои не бевме подготвени“, рече Лула за време на состанокот со министерот за финансии Фернандо Хадад и други официјални претставници, на кој од далечина присуствуваше гувернерот на државата Едуардо Леите.

Според последните податоци што во понеделникот ги објави Цивилната одбрана, загинале 147 лица, 806 се повредени, а 127 се водат како исчезнати. Повеќе од 600.000 мораа да ги напуштат своите домови, вклучително и повеќе од 77.000 кои се сместени во училишта и спортски сали претворени во засолништа.

Во областа Хармонија во градот Каноас, предградие на регионалниот главен град Порто Алегре, жителите се вратија во своите домови за да го проценат степенот на штетата и да го спасат она што сè уште може да се спаси.

Обилните дождови, кои експертите ги поврзуваат со глобалното затоплување и природниот временски феномен Ел Нињо, погодија вкупно повеќе од два милиони луѓе.

Меѓу нив има најмалку 80 домородни заедници, според Домородниот мисионерски совет на Бразил. Владата во понеделникот објави дека доставила пакети со храна и вода за пиење на 240 семејства во три такви заедници во долината Таквари.

Ситуацијата дополнително ќе се искомплицира со доаѓањето на студен фронт кој ќе предизвика пад на температурите, предупреди метеоролошката агенција МетСул. Во Порто Алегре, модерна метропола со 1,4 милиони жители, властите мора да спроведат опсежна операција за дистрибуција на помош (вода, лекови, облека) од целата земја, но и од странство.

Најтешко погодените семејства ќе добијат 2000 реали (околу 360 евра) за да го започнат својот „живот од нула“.

За да помогне во обновата, Лула предложи тригодишен мораториум на исплатата на долгот кон сојузната држава Рио Гранде до Сул. Таа мерка допрва ќе треба да ја одобри парламентот.

Поплавите во Бразил имаат влијание и надвор од неговите граници. Во соседна Аргентина околу 600 луѓе се евакуирани од североисточната провинција Ентре Риос поради поплавите на реката Уругвај, соопштија властите.

Во градот Конкордија, градоначалникот Франциско Азкуе предупреди дека врвот се очекува во вторник и го повика населението да биде „смирен“. „Очигледно е дека ќе евакуираме повеќе луѓе“, призна тој на локалното радио.

Треба да знаете
Последни објави