Меѓународниот ден против хомофобија и трансфобија (IDAHOT), ќе се одбележи со проекција на филмот „Домаќинство за почетници“ на Горан Столевски. Филмот ќе се прикажува со почеток од 20 часот во кино „Фросина“, информираат од Коалиција Маргини, која е организатор на настанот заедно со „Лист продукција“ и МКЦ.
Филмската приказна на Столевски, како што се појаснува во соопштението, е околу универзалните вредности на семејството – она во кое сме се родиле и она кое самите сме го избрале.
– Дита никогаш немала намера да биде мајка, но сега околностите ја присилуваат да ги згрижи малата немирна Миа и бунтовната тинејџерка Ванеса, ќерки на нејзината девојка. Гледаме битка помеѓу три своеглави жени, кои полека прераснуваат во семејство и ќе сторат сѐ за да останат заедно, се наведува во соопштението.
Проекцијата е во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, поддржан од УСАИД Северна Македонија (USAID North Macedonia), имплементиран од Коалиција Маргини, а во партнерство со „Хера“, Хелсиншки комитет за човекови права и Здружението за едукативен развој – „Еквалис“.
Влезот за проекцијата е слободен.