Бајден испраќа нов пакет воена помош од над милијардa долари за Израел

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден им кажа на клучните пратеници дека ќе испрати повеќе од една милијарда долари дополнително оружје и муниција во Израел, изјавија тројца помошници на Конгресот.

Тоа е првата пратка на оружје за Израел што е откриена откако администрацијата стави во мирување уште еден трансфер на оружје овој месец, кој се состои од 3.500 бомби со тежина од повеќе од 900 килограми, пренесува АП.

Поради загриженоста за цивилните жртви во Газа, администрацијата на Бајден соопшти дека го прекинала испораката за да го спречи Израел да ја користи муницијата во својата офанзива во преполниот град Рафа во јужна Газа.

Новиот пакет вклучува околу 700 милиони долари за тенковска муниција, 500 милиони долари за тактички возила и 60 милиони долари за минофрлачки гранати, рекоа помошниците на Конгресот, според АП. Тие рекоа дека пратката не е дел од долго одложуваниот пакет странска помош усвоен од Конгресот и потпишан од претседателот Бајден минатиот месец.

Не се знае дали пратката е последната транша од постојната продажба на оружје или нешто ново, а не се знае ниту кога ќе биде во Израел.

Бајден ќе се погрижи „Израел да ги има сите воени средства што му се потребни за да се одбрани од сите свои непријатели, вклучувајќи го и Хамас“, изјави за новинарите во понеделникот портпаролот на националната безбедност Џон Кирби.

Треба да знаете
Последни објави