Најмалку триесет и едно лице загина утрово пред зори, во израелски воздушен напад врз бегалскиот камп Нусејрат во централниот дел на Појасот Газа, соопштија денеска болницата Ал Акса и очевидци.
Во соопштението на Цивилната одбрана се вели дека „Тимовите на цивилната одбрана пронашле 31 мртов и 20 ранети лица во куќа на семејството Хасан“, додавајќи дека потрагата по исчезнатите продолжува.
Во претходното соопштение на болницата во Деир-Ал Балах, која се наоѓа на пет километри од Нусејрат, беше наведено дека загинале 20 лица, а неколку се ранети.
Очевидци изјавија дека нападот бил извршен сред ноќ, околу 03:00 часот по локално време. Израелската армија претходно соопшти дека го проверува извештајот.
Од почетокот на копнената офанзива на градот Рафа, на југот на Појасот Газа на 7 мај, се интензивираат судирите околу Нусејрат, кој се наоѓа посеверно, како и во градот Газа и Џабалија.
Израелската војска вели дека спроведува само целни операции.
Очевидци велат дека се слушнале експлозии и дека борбите во Џабалија траеле цела ноќ.
На северот на Појасот Газа се слушна артилериски оган во областа Шеик Зајед, а на југ, на границата со Египет, очевидци рекоа дека израелски хеликоптери, а не тенкови, како што беше претходно наведено, отвориле оган источно од градот Рафа.
Арапската болница Ал-Ахли во градот Газа соопшти дека три лица загинале, а неколку се ранети во израелски напад врз училиштето во кое се засолниле, пренесе Франс прес.
Израелската армија денеска потврди дека изминатиот ден во Газа биле убиени уште двајца војници.
Според армијата, 282 војници се убиени во воената кампања во Газа од почетокот на копнената офанзива на 27 октомври, пренесуваат агенциите.