Коалицијата предводена од ДУИ, Европски фронт не исклучува ниту еден од демократските начини да се спасат од опозиција, односно да се изборат до крај да бидат дел од владината коалиција. Иако преговорите за Влада помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се во тек, ДУИ и натаму смета дека овој сооднос не е во ред за формирање Влада, односно победникот мора да коалицира со победникот.
Скендер Реџепи Зејди, вели дека постојат демократски механизми за да ги спречат. Тој не ја исклучува можноста и за протести по улиците.
„Европскиот фронт ниту размислува да остане во опозиција. Не дека имаме комплекси за да останеме во опозиција но факт е дека легитимноста почнува и извира од народот. Доколку народот ти го дава гласот тогаш треба да ги претставиш во сите државни институции“, вели Скендер Реџепи – Зејди, пренесува ТВ 21. Прашан на кој начин ќе се борат, дали преку протести, тој рече дека има повеќе демократски начини да се изрази револтот, но и да се докаже волјата на граѓаните.
Работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и ВРЕДИ и денеска ги продолжија преговорите за формирање на нова Влада, односно усогласување на програмите и поделба на ресорите. Претседателот на БЕСА, од коалицијата ВРЕДИ, Биљал Касами, вели дека се на добар пат и зборуваат за сериозна Влада.
„Продолжуваат разговорите, ние сме на добар пат и поради коректност се согласивме кога ќе имаме конечен договор заедно да излеземе и тоа да го претставиме пред јавноста. Не би сакал да навлезам во детали, но сме на добар пат и имаме коректна комуникација во правец на поделбата на одговорностите. Тоа што е важно за да се истакне е дека зборуваме за амбициозна влада која ќе има предвид квалитетно претставување по разните ресори. Многу време е изгубено порано со неквалитетен кадар. Ние бараме во сите ресори да има стручен кадар“, вели Биљал Касами.
Инаку, во среда ќе има прегласување во петтата и шестата изборна единица, и доколку резултатите излезат поинакви, може да се прераспределат силите во Собранието.