Бајден ги повика републиканците да донесат нови закони за имиграција

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ги повика републиканските лидери во двата дома на Конгресот да ја оживеат двопартиската мерка за имиграцијата која не беше усвоена откако републиканскиот претседателски кандидат Доналд Трамп го изрази своето противење.

Во разговор со претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, и лидерот на републиканското малцинство во Сенатот, Мич Меконел, Бајден повтори дека „Републиканците треба да престанат да играат политика и брзо да го протуркаат граничното законодавство кое ќе распореди неколку илјади членови на Граничната полиција, а тоа би ги зголемило инвестициите во технологија за пресретнување на фентанил и други дроги“.

Бајден ја даде изјавата откако лидерот на мнозинството во Сенатот, демократот Чак Шумер рече дека законот доаѓа на дневен ред, повеќе од три месеци откако беше предложен.

Законот предложен во февруари годинава воведува и дополнителни ограничувања за илегалните преминувања на границите, го отежнува добивањето азил и го забрзува депортирањето на нерегистрираните мигранти, но овозможува и издавање повеќе визи за легалните мигранти.

И Меконел и Шумер ги поддржаа овие закони, додека Трамп, чија кампања е делумно фокусирана на критиките за миграциската политика на Бајден, ги осуди како „голем подарок за демократите“ и „смртна казна за републиканците“.

Треба да знаете
Последни објави