Болницата во северниот град Џабалија во Газа е под опсада веќе два дена додека беснеат борби во близина.
Заробени се 170 вработени, пациенти и нивните придружници, изјави генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус.
Тој на платформата X напиша дека во понеделникот борбите ја зафатиле и самата болница, при што снајперисти ја гаѓале зградата, а артилерија го погодила петтиот кат со ракета.
„Длабоко сме загрижени за безбедноста на преостанатите пациенти и болничкиот персонал. Апелираме за нивна заштита, хуманитарен пристап и итен прекин на огнот“, нагласи Гебрејесус.
Болницата Авда е една од ретките здравствени установи кои сè уште работат во северниот дел на Газа и единствената болница која нуди породилна нега или ортопедска хирургија.