Со 84 гласови „за“ од 193 членки на Генералното Собрание беше усвоена Резолуцијата со која се осудува негирањето на геноцидот и величење на воените злосторници. Српскиот претседател Вучиќ повика да не биде усвоена зошто нема да придонесе кон помирување во Босна и Херцеговина и во регионот. Со усвојувањето на резолуцијата 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница. Резолуцијата, чии предлагачи беа Германија и Руанда, го осудува негирањето на геноцидот и величењето на воените злосторници. -За оваа резолуција се шират лажни тврдења. Таа не е насочена против никого. Не е ниту против Србија, вредна членка на оваа организација. Таа е насочена само кон извршителите на геноцидот, рече Антје Линдертс, претставничката на Германија во ОН. Таа нагласи дека и Црна Гора доставила амандмани на резолуцијата со кои се нагласува дека одговорноста е индивидуализирана и не може да биде насочена против ниту една заедница. За Резолуцијата гласаа 84 членки, меѓу кои и Северна Македонија, против беа 19, а 68 беа воздржани.