Со интонирање на химната и истакнување знамиња од поранешната социјалистичка Југославија, најстарите членови на здружението „Јосип Броз Тито“ од Кочани денеска го почнааа одбележувањето на Денот на младоста и роденденот на нивниот патрон.
Во дефиле со возила што поминаа по улиците на градот, титовистите го пренесоа симболот на празникот – штафетата на младоста, свечено предавајќи му ја на претседателот на здружението, Трајан Трендов.
-Ние сме единствените во Македонија и во овој дел на Балканот што организирано го одбележуваме еден од најубавите празници во поранешната заедничка држава, празник што го симболизираше заедништвото, единството и младешкиот дух како основа на развојот и напредокот на сите народи и народности кои беа дел од СФРЈ. За жал, денес младите не знаат, а постарите како намерно да сакаат да ги заборават придобивките од времето кога слободно, без пасош, се движевме, работевме и се образувавме од Гевгелија до Триглав, од Суботица до Бар. Тогаш бевме другари, денес сме меѓусебно поделени дури и во сопствената држава. Сепак, сè додека сме живи ќе го негуваме споменот на тоа време и ќе им ја пренесуваме на помладите пораката за толеранција и почитување, истакна Трендов.
![](https://mia.mk/articles/images/%D1%81%D1%82%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B8%D0%BE%D0%B4%D0%BA%D0%BE%D1%87%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B3%D0%BE%D1%81%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D1%82%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0%D0%BC%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0%D1%84%D0%BE%D1%82%D0%BEDnQkV/dpyr6Gsis/large.webp?use_watermark=1)
Членовите на Здружението од Кочани велат дека со одбележувањето на овој и другите југословенски празници не ја негуваат југоносталгијата, туку оддаваат почит на периoдот кога конечно е остварен вековниот стремеж на македонскиот народ за своја држава.
-На годинешниот 25 мај се навршуваат 132 години од раѓањето на маршалот и претседател на поранешна Југославија, Јосип Броз Тито, а неспорен е неговиот личен и приодонесот на партијата на чие чело се наоѓаше за признавањето на македонската нација и држава, која по завршувањето на Втората светска војна се најде во заедничките граници на некогашната татковина. Наша задача е и понатаму да ја пренесуваме титовата порака за заедништво и меѓусебно почитување за да не го изгубиме тоа што пред осум децении крваво сме го стекнале, истакна Ѓорѓи Николов, член на здруженито „Јосип Броз Тито“.
![](https://mia.mk/articles/images/%D1%81%D1%82%D0%B0%D1%80%D0%B8%D1%82%D0%B5%D1%82%D0%B8%D1%82%D0%BE%D0%B2%D0%B8%D1%81%D1%82%D0%B8%D0%BE%D0%B4%D0%BA%D0%BE%D1%87%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B3%D0%BE%D1%81%D0%BB%D0%B0%D0%B2%D0%B0%D1%82%D0%B4%D0%B5%D0%BD%D0%BE%D1%82%D0%BD%D0%B0%D0%BC%D0%BB%D0%B0%D0%B4%D0%BE%D1%81%D1%82%D0%B0%D1%84%D0%BE%D1%82%D0%BEUiusN/qt7AFG3l9/large.webp?use_watermark=1)
Од свеченоста во Кочани титовистите упатија писмена честитка до своите колеги од другите здруженија во поранешните југословенски републики, кои традиционално и годинава организираат голем собир кај српскиот град Панчево.