Се уште нема конечен договор, тоа што можам да го споделам е дека разговорите се одвиваат во позитивен дух, изјави портпарол на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, одговарајќи на новинарско прашање дали Движењето ЗНАМ станува дел од Владата и кои ресори би ги добиле.
Доцна синоќа од Движењето ЗНАМ информираа дека била одражана средба за соработка со ВМРО-ДПМНЕ на ниво на потпретседтаели на партии, на која се разговарало за стратешките определби, политичките начела и политичката платформа за соработка.
Претходно вчера, од ВМРО-ДПМНЕ информираа дека преговорите меѓу коалициските партнери за идната Влада се во напредна фаза, но оти се уште нема конечен договор со Коалицијата „Вреди“ и се до официјално моментот кога ќе може да се соопшти нема да соопштуваат никакви детали.
ВМРО-ДПМНЕ, претходно излезе со став дека имаат консолидирано 61 пратеник. Новата влада, како што претходно најавија од ВМРО-ДПМНЕ се очекува да биде формирана до 20-ти јуни.
За вторник, 28 мај, е закажана конститутивната седница на новиот парламентарен состав. Во новиот парламентарен состав најмногу пратеници има коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ – 58, коалицијата За европска иднина предводена од СДСМ има 18 пратеници, коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ има исто 18 пратеници, коалицијата ВЛЕН 14, Левица шест и ЗНАМ шест пратеници.