Агенцијата за статистики на Косово (АСК), по завршувањето на пописот на населението, домаќинствата и становите, кој траеше од 5 април до 24 мај, проценува дека Косово ќе има околу еден милион и 600 илјади жители, јави дописникот на МИА Приштина. Вршителот на должноста извршен директор на АСК, Авни Кастрати денеска на прес-конференција изјави дека официјалните податоци ќе бидат објавени кон средината на јули годинава. „Податоците ќе бидат објавени во првата половина на јули, но врз основа на последните денови од процесот, како и дополнувањето што беше, очекувањата се дека Косово ќе има околу 1,6 милиони жители“, рече изјави Кастрати. Тој информира дека во дијаспората досега се попишани околу 600 илјади лица, но таа бројка сигурно ќе биде поголема со оглед дека пописот за таа категорија е продолжен до крајот на август. Кастрати изјави дека во целиот процес на попис на населението биле вклучени околу 5. 100 лица, а оценка на АСК е дека процесот поминал воглавно без проблеми.