Израел очекува Парламентот на Словенија да ја отфрли препораката од Владата за признавање на палестинската држава

Израелскиот министер за надворешни работи денеска изјави дека „се надева“ оти Парламентот на Словенија ќе ја „отфрли“ денешната препорака на Владата за официјално признавање на палестинската држава.

Гласањето е закажано за вторник, една недела откако Шпанија, Ирска и Норвешка одлучија да ја признаат палестинската држава.

– Одлуката на словенечката влада да му препорача на словенечкиот парламент да ја признае палестинската држава е награда за Хамас, напиша Кац на Х.

– Се надевам дека словенечкиот парламент ќе ја отфрли таа препорака, додаде тој.

Словенечката влада денеска донесе одлука да ја признае Палестина како независна и суверена држава и ја испрати до парламентот на потврда, изјави словенечкиот премиер Роберт Голоб во Љубљана.

Голоб по седницата на Владата рече дека решението по моделот на две држави – Израел и Палестина е „начин за постигнување мир“ и оти одлуката на неговиот кабинет „не е насочена против никого“.

Претседателката на словенечкиот парламент Уршка Клакочар Жупанчич најави дека Националното собрание во вторник ќе расправа за владината одлука за признавање на палестинската држава, пренесува СТА.

Шпанија, Ирска и Норвешка неделава ја признаа палестинската држава, приклучувајќи се на 140 земји кои веќе го направија тоа. Доколку Националното собрание ја потврди владината одлука, Словенија ќе стане десеттата од 27-те земји-членки на ЕУ што ја признаваат државата Палестина.

Треба да знаете
Последни објави