Проблемите со безбедноста и квалитетот на американскиот производител на авиони Боинг би можеле да ја разнишаат довербата на патниците во воздушниот транспорт, предупреди извршниот директор на европскиот конкурент Ербас.
„Проблемите во Боинг се товар за целиот сектор“, изјави извршниот директор на бизнисот со комерцијални авиони на Ербас, Кристијан Шерер, за германскиот деловен неделник WirtschaftsWoche.
„Поради проблемите на Боинг, луѓето ќе почнат да ја доведуваат во прашање безбедноста на летањето“, објасни Шерер.
Боинг повторно е под лупа откако авионот од серијата 737 MAX остана без врата на летот на Алјаска ерлајнс на почетокот на годината. Пред пет години, регулаторите ширум светот го повлекоа Боинг 737 MAX поради две тешки несреќи во кои загинаа 346 луѓе.
Шефот на европскиот производител на авиони тврди дека не планираат да ја искористат можноста за поскапување на авионите.
„Ги зголемуваме цените само кога побарувачката ја надминува понудата“, рече Шерер, додавајќи дека е тешко да се предвиди како ќе се развиваат работите.
„Би рекол дека конкурентот во неволја може да се однесува релативно непредвидливо. Доколку, поради неповолни околности, авионите се натрупаат во неговите хангари, тој може да се одлучи на распродажба“, објасни шефот на Ербас.