Вулканот Ибу на островот Халмахер, во Индонезија, денеска повторно еруптираше исфрлајќи пепел до висина од пет километри, соопшти Индонезиската вулканолошка агенција.
Ерупцијата на вулканот траела околу две минути, а во радиус од седум километри од кратерот се забранети сите активности на населението, се наведува во соопштението.
Вулканот Ибу во мај и почетокот на овој месец имаше серија ерупции, што предизвика евакуација на седум околни села.
Ибу е еден од најактивните вулкани во Индонезија, а во 2023 година еруптираше повеќе од 21. 000 пати.
По серијата ерупции, индонезиските власти на 16 мај го кренаа нивото на тревога за планината Ибу на највисоко ниво.