Од денес, Општина Кисела Вода е првата локална самоуправа која ја имплементираше услугата “Итно Копче” во соработка со Црвениот Крст. Се работи за аларм уред поставен на нараквица кој на постарите и изнемоштени лица во случај на итна здравствена потреба им овозможува да искомуницираат со оператор или да им биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом.
Услугата, за почеток е достапна бесплатно за 40 корисници, а тенденцијата е овој број да се зголеми, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, кој му се заблагодари на Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, Саит Саити за сите досегашни заеднички проекти.
Презентирајќи го “Итно Копче”, информираа дека продолжува и проектот за бесплатен транспорт на овие лица, кој стартуваше од Кисела Вода минатата година.
-Општина Кисела Вода денеска ја започнува новата услуга „Итно Копче”, наменета за нашите постари и изнемоштени сограѓани. Оваа услуга, која е достапна 24/7, е овозможена преку соработката со Црвениот крст и претставува уште еден чекор напред во нашата посветеност кон грижата за најранливите категории на граѓани. „Итно Копче” е иновативен аларм-уред кој на нашите сограѓани им овозможува брз и лесен пристап до помош во секое време. Сѐ што е потребно е да го притиснат копчето на уредот, по што ќе добијат повик од операторот на контакт центарот на Итно Копче. По воспоставувањето на контакт, корисникот ќе ги сподели информациите за своите тегоби, а обученото лице ќе му даде понатамошни насоки. Доколку е потребно, ќе биде испратен тим за прва помош директно во нивниот дом. Општина Кисела Вода и досега беше лидер во обезбедување на услуги за постарите и изнемоштените лица и лицата со посебни потреби. Ние први започнавме со услугата за бесплатен превоз, овозможувајќи им на нашите повозрасни сограѓани транспорт до лекар или до некоја институција за вршење на административни услуги. Оваа услуга продолжува и годинава, но со големо задоволство ја промовираме и новата услуга со бесплатни нараквици со итно копче. За почеток, општина Кисела Вода обезбедува вакви нараквици за 40 корисници, со надеж дека оваа бројка ќе се зголеми во иднина. Се надеваме дека и другите општини, а зошто не и Градот Скопје, ќе ја следат оваа траекторија и ќе се приклучат кон обезбедувањето на подобри услови за граѓаните. Нашата мисија е да обезбедиме безбедност, грижа и поддршка за сите наши сограѓани, а „Итно Копче” е уште еден значаен чекор во остварувањето на таа мисија-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, Саит Саити истакна дека со овој проект се надградува досегашната одлична соработка со Општина Кисела Вода за корисниците од овој дел на градот.
-Примерот со Општина Кисела Вода е пример за следење, типичен пример за грижа за сопственото население за имплементација на улогата на градоначалникот. Црвениот крст дава поддршка на градоначалниците, на институциите на системот за тоа како да ги подобрат социјалните политики. Се надевам дека истиот ќе биде следен од останатите градоначалници и од другите институции. Ова за Црвениот крст е само почеток, сега за сега ги покриваме општините во Скопје, со тенденција во наредните година, две да се прошириме и во поголемите градови во нашата земја. Засега ова услуга ја користат 100 лица. Со договорите што ги правиме, денес започнуваме со Општина Кисела Вода, како прва, а интерес пројавија и други градоначалници, би биле задоволни ако стигнеме до бројката на 1000 корисници, со тенденција да ги покриеме сите граѓани кои имаат ваква потреба-изјави Генералниот секретар на Црвен крст на Република Македонија, Саит Саити.
Петранка Димишкова, која веќе 33 години е дијабетичар, е првиот корисник кој денес преку уредот поставен на раката, бесплатно ја искористи услугата. Досега во општина Кисела Вода седум лица го користеле ова “итно копче”, но за тоа плаќале. Од денес и за нив и за останатите, засега вкупно 40, услугата ќе ја покрива Општина Кисела Вода.