Поранешната министерка за одбрана и сегашен пратеник Славјанка Петровска поднесе кандидатура за претседател на СДСМ.
Петровска е дете на СДСМ. Таа ги има поминато сите филтри на партијата од најниско до највисоко ниво во Партијата и е член на СДСМ 24 години, нешто со што не може да се пофалат дел од останатите кандидати.
Во изјава за медиумите по доставувањето на кандидатурата, Петровска се осврна и на изборниот пораз на партијата на парламентарните избори, додавајќи дека овој пат лекцијата мора да биде научена.
„Ниедна причина за овој изборен пораз не смее да остане скриена и не смее да остане да лебди, затоа што тоа за жал ни се случи и во 2021 година и тогаш се сметаше дека само со повлекувањето на тогашниот претседател Зоран Заев ќе се надминат некои пропусти, но очиглено дека требало посериозна реформа и да бидат направени подлабински промени. Мислам дека таа лекција овој пат е научена, барем од моја страна и затоа ја поднесувам кандидатурата и сакам да застанам на чело на СДСМ“ порача Петровска.
„Денеска, со кандидатурата Петровска ја поднесе и програмата со назив „Манифест на социјалдемократијата” со која таа најавува обединување и подобри денови за СДСМ.