Чипсот со вкус на чадена сланина ќе биде забранет ширум Европската унија, откако Европската агенција за безбедност на храна (EFSA) открила дека популарните вештачки ароми на чад може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.
Имено, Европската агенција објави дека вкусот на чадот е поврзан со генотоксичност, односно способност на хемикалијата да го оштети генетскиот материјал на клетките, пренесува хрватскиот „Index“.
„Промените или мутациите на генетските информации во клетката може да го зголемат ризикот од развој на состојби како рак и наследни болести“, објаснуваат оттаму.
На крајот било заклучено дека „со ваков вид на токсичност не може да се дефинира безбедно ниво на арома“, па на крајот на април беше донесена одлука за целосна забрана. Секако, забраната за продажба на чипс со вкус на чадена сланина нема да се случи преку ноќ. Периодот на приспособување ќе трае две години во земјите-членки на ЕУ.
„По периодот на постепено укинување, тие ароми повеќе нема да бидат дозволени за употреба во ЕУ“, порачуваат од EFSA.
Не само чипс
Така, земјите-членки на ЕУ тивко се договорија за забрана на крајот на април, а аромите на чад ќе бидат целосно укинати во текот на следните неколку години низ Европа.
Но, ова нема да влијае само на чипсот, бидејќи овие ароми често се додаваат и во месата, сирењата, рибата и сосовите како што е сосот за скара.