Судир меѓу патнички и товарен воз – Четири лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени

Четири лица загинаа, а повеќе од 20 се повредени во директен судир што доцна синоќа се случил меѓу патнички и товарен воз во чешкиот град Пардубице, соопштија официјални претставници на земјата, пренесуваат светските медиуми.

Смртта на четворицата патници за чешката телевизија, како што пренесува „Гардијан“, ја потврдила портпаролката на локалната итна помош, Алена Кисијала. Жртвите во железничката несреќа сè уште не се идентификувани, а дополнително сè уште се истражуваат и причините кои довеле до судирот, кој машиновозачите и на двата воза успеале да го преживеат.

Според информациите кои се пренесуваат, седумнаесет лица по несреќата биле примени на одделот за итна помош во болницата во Пардубице. Кај петмина од нив биле констатирани средно тешки повреди, додека две лица имале полесни повреди.m Од болницата во градот соопштиле дека во неа се наоѓаат седум повредени, кои се вон животна опасност.

„Најтешката повреда со која пациент лежи овде е повреда на градниот кош“, изјави директорката на болницата Катерина Лунерова. Според информациите од болницата во Пардубице, тројца од повредените биле префрлени во болницата во Хрудим, каде што се на натамошна опсервација.

Железничката несреќа се случила вчеравечер на новата железничка станица „Пардубице Центрум“ која е дел од главниот железнички коридор на Чешка, и која се наоѓа на околу 60 километри западно од главниот град на земјата.

Патничкиот воз, како што објави чешката телевизија, превезувал околу 300 патници, меѓу кои голем дел биле странци. Од спасувачките екипи соопштиле дека на местото веднаш биле распоредени девет возила на итната помош, два хеликоптери и повеќе од 60 пожарникари.

Портпаролката на локалната противпожарна бригада Вендула Хоракова за државната телевизија изјавила дека товарниот воз превезувал калциум карбид.

Министрите за внатрешни работи и за транспорт на Чешка, Вит Ракусан и Мартин Купка, рано утрово пристигнале на местото на на несреќата. Ракусан изјавил дека полицијата ги идентификува патниците кои биле евакуирани во зградата на железничката станица врз основа на списокот што го дал операторот „Региоџет“, чија сопственост е брзиот воз кој учествувал во несреќата. Тој посочил и дека ниту еден од повредените патници не е во животозагрозувачка состојба.

Министерот за транспорт Мартин Купка рекол дека главната линија меѓу Прага и источниот дел на земјата ќе остане затворена додека надлежните ги истражуваат причините за несреќата.

Државната железничка компанија „Чешки железници“ соопштила дека пругата најверојатно ќе остане затворена најмалку 24 часа поради обемот на несреќата.

Премиерот на Чешка, Петр Фијала во објава на социјалната платформа Икс напиша дека судирот на двата воза во Пардубице е голема несреќа и дека мислите на сите се со семејствата на жртвите и со повредените.

Треба да знаете
Последни објави