Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека земјата нема да ги блокира одлуките на НАТО поврзани со мисијата за поддршка на Украина, но и дека сите воени дејства надвор од територијата на Северноатлантскиот сојуз може да бидат само доброволни, пишува унгарскиот портал „Индекс“.
На заедничката прес-конференција во Будимпешта со Орбан, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека унгарските средства и персонал нема да се користат за поддршка на Украина, пренесе „Ројтерс“.
„На самитот на алијансата очекувам сојузниците да донесат одлука за поддршката на НАТО за безбедноста и обуката на украинската армија“, рече Столтенберг.
Столтенберг рече дека Орбан го уверил оти нема да се спротивстави на напорите да се оди напред, пренесува „Ројтерс“.
Орбан, како што пренесува index.hu, рекол дека Унгарија ги исполнува обврските кон НАТО.
Столтенберг е во Унгарија за да разговара со Орбан, пред сè, за руско-украинската војна, но и за агендата на самитот на НАТО, што ќе се одржи во јули.
Сите воени акции надвор од територијата на НАТО може да бидат само доброволни врз основа на правилата на НАТО, рече Орбан.
Во врска со руско-украинската војна тој рече дека позицијата на Унгарија се разликува од онаа на другите.
Столтенберг рече дека Унгарија отсекогаш била ценета членка на НАТО.