Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во рамки на работната посета на Берлин по повод учеството на Конференцијата за обнова на Украина, оствари средба со претставници на македонската дијаспора во Германија.
На средбата претставниците на македонската дијаспора ја запознаа претседателката Сиљановска Давкова со нивните севкупни активности и нивната вклученост во општествените текови во Германија.
Претседателката Сиљановска Давкова оцени дека припадниците на македонската дијаспора во Германија, како наша најбројна иселеничка заедница во Европа, имаат посебно важна улога, и посочи дека се мост којшто дополнително ги јакне добрите билатерални односи меѓу двете држави.
Претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи ги нејзините заложби за соработка и продлабочување на врските со дијаспората, ја претстави својата иницијатива за создавање на Национален совет за соработка со дијаспората, со цел изнаоѓање на начини за нејзино зголемено вклучување во стратегискиот развој на земјата.
„Треба да станеме стандардна држава. Во Европската Унија не влегуваат егзотични држави, туку стандардни, демократски држави, компатибилни со оние внатре, компатибилни со германската држава”, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека ние отсекогаш географски, историски, културно сме биле дел од Европа.