Годишен отчет и референдумско изјаснување на членството – што содржи програма на Петровска за претседател на СДСМ?

Во СДСМ во полн ек е предизборната кампања на кандидатите за претседател на оваа партија.

Кандидатите се во посета на општинските организации, презентирајќи ги своите програми пред членството.

Покрај заедничките повици за единство и обединување во партијата, сите кандидати имаат и свои проекти за подобрување на работата на СДСМ.

Единствената жена кандидат за претседател, Славјанка Петровска во својата програма „Манифест за социјадемократијата“ нуди решенија за унапредување на демократијата во СДСМ.

Доколку биде избрана, Петровска предвидува воведување на референдумско изјаснување на сајтот на СДСМ, односно секој член да може со свое име презиме и број на членска книшка да се поврзе на сајтот на партијата и таму да даде свое мислење за клучните одлуки на партијата.

Петровска предвидува и Годишна конференција за социјалдемократијата, односно годишен отчет на претседателот на партијата и реферирање на сите избрани и именувани функционери од партијата. Таквата конференција би била отворена за целото членство.

Петровска исто така предвидува изборот на претседателите на ОО на партијата, да се бираат од самото членство во конкретната општина, наместо како досега да се назначуваат од страна на претседателот на партијата.

„Мое размислување е дека така ќе бидат поблиску до членството и дека нема да чувствуваат потреба да бидат поблиску до раководството а при тоа да го занемаруваат членството“ рече Петровска синоќа во општинската организација Бутел.

Изборите за претседател на СДСМ се закажани за 30 јуни, а покрај Петровска, кандидати се и Јован Деспотовски, Венко Филипче и Александар Бајдевски.

Треба да знаете
Последни објави