На седници на Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ денеска треба да бидат утврдени кандидатите за министри од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од партијата на мандатарот Христијан Мицкоски.
Тоа тој го соопшти пред четири дена и најави дека во вторник, 18 јуни, до Собранието ќе биде доставен официјалниот список на кандидатите за членови на новата влада.
Во владата, која е реорганизирана со законски измени усвоени во Собранието, и ќе има 20 министерства, ќе учествуваат претставници на коалициите „Твоја Македонија“ и „Вреди“ и од партијата ЗНАМ.
Во изјава пред неколку дена мандатарот Мицкоски потврди дека опозиција ќе бидат коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ и политичката партија Левица.
Официјални предлози за министри засега соопштија Беса, ЗНАМ и Алтернатива кои беа утврдени од нивните партиски тела.
Што се однесува пак до ВМРО-ДПМНЕ, таму веќе извесен период се спомнуваат разни комбинации за тоа кој партиски функционер во кој ресор би седнал.
Она што е извесно е дека на коалицијата За твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе и припаднат најмалку 13 ресори.
Новата влада треба да биде формирана пред истек на рокот од 20 дена кој почна да тече од 6 јуни, кога претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски му го додели мандатот за формирање на Владата.