Поранешниот министер за надоврешни работи на Грција, Никос Коѕијас, на Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор зборуваше за постигнувањето на Договорот од Преспа и негова идна имплементација, напоменувајќи дека тој Договорот доведе до членство во НАТО и требаше да обезбеди членство во ЕУ за Македонија.
„На Северна Македонија ѝ ветивме влез во ЕУ и имаме обврска тоа да го испорачаме. Влезот во ЕУ за Северна Македонија беше ветен. И што направи ЕУ? Прво француското вето, за менување на методологијата, па потоа дојде ветото од Бугарија. Што треба ние сега да сториме? Дали да ѝ речеме на Бугарија ние вас нема никогаш да ве пуштиме во Шенген додека не го кренете ветото за Северна Македонија? Ова е добар предлог и треба да се размисли. Но дали е тоа начин? Да се фокусираме на кавги наместо на заеднички напредок?”, рече Коѕијас на панел дискусијата.
Коѕијас се осврна на начинот на имплементација на Договорот од Преспа и истиот го спореди со бебе.
„Договорот е како бебе на кое сите му се смешкаат и радуваат, но ние не направивме доволно за да го заштитиме и растеме”, рече Коѕијас кој се осврна и на постапките на новата македонска претседателка, истакнувајќи дека таа како поединец има право да ја нарекува државата Македонија, но како институција има обврска да го почитува Договорот, а ако не ѝ се допаѓа дека може да се жали.