Зоран Заев, со објава на неговиот фејсбук-профил од Меѓународната конференција за мир и одржлив развој во Атина, вели дека со поддршката и посветеноста на Нимиц, двете земји успеаја да изградат меѓусебна соработка и да се дојде до решение не само за името, туку да се отвори порта за соработка за двете земји за подобра иднина на народите и за подобра иднина на регионот.
Заев во објавата, заблагодарувајќи му се на Нимиц за помошта и за трпението што го имал повеќе од две децении на барањето решение за спорот за името, вели дека денеска тоа е модел за решавање многу спорови.
„Нимиц ни порача да го чуваме и негуваме Преспанскиот договор и целосно да го имплементираме“,напиша Заев на Фејсбук.
Експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, денеска и утре во Атина организираат Меѓународна конференција за мир и одржлив развој по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор. Настанот е во организација на фондацијата „Заев“ и институтот „Алексис Ципрас“.
Дводневната конференција по повод шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор беше најавена пред неколку дена со заедничка колумна на експремиерите на С Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, во која повикаа ЕУ и меѓународната заедница да стават до знаење оти почитувањето на Договорот од Преспа е единствениот пат на земјава до пристапниот процес.
Денеска, обраќајќи се од позиција на директор на Фондацијата „Едно општество за сите“, во чија коорганизација е настанот, ексминистерот и актуелен пратеник Венко Филипче порача дека договорот од Преспа е доказ дека дури и најтешките спорови можат да бидат решени кога лидерите како приоритет го имаат заедничкото добро за сите пред сè друго.