– Моето бебе Лука беше родено добро во битолската болница во петокот, но од мистериозни причини, после 18 часа криење од страна на персоналот на неонатологија во болницата во Битола ми беше соопштено дека е во критична состојба и мора да се транспортира итно за Скопје, а неколку часа подоцна ни се јавија дека го изгубиле за време на транспортот, вели за „Слободен печат“ Драгољуб Китоски од Ресен, татко на бебето.
Тој вели дека откако неговата сопруга Зимбрета Тунтевска се породила со царски рез во петокот се било во ред и со неа и со бебето.
Барем така мислел, бидејќи никој од болницата не им кажал дека е поинаку. Меѓутоа, во петокот вечерта, неговата сопруга добила прашање од болничкиот персонал додека лежела на интензивна нега опоравувајќи се од царскиот рез – дали е алергична на нешто. Тука им станало сомнително дека нешто со бебето се случува.
Ден после породувањето, отидов да го видам бебето. Ме испратија да купам пелени. Кога се вратив со пелените и побарав да го видам син ми Лука, докторката на неонатологија во Битола, ми кажа „бебето е во критична состојба, потребни се потписи од двајцата родители и итно да се транспортира за Скопје“.
Кога поминуваа со инкубаторот му ја видов само косичката, свртено беше со грб и не сум сигурен ниту дали беше живо ниту дали беше мртво, изјави таткото Китоски за „Слободен печат“.
Тој е лут што болницата 18 часа не ги информирала ниту него ниту неговата сопруга дека со бебето нешто не е во ред и што, за што вели дека „му ја одзеле шансата да се обиде да го спаси бебето, да го пренесе во приватна болница или во Скопје“.
Тој се обидел да поднесе кривични пријави против одговорните на одделот за неонатологија во Битолската болница и во полициска станица Ресен и во полициска станица Битола, но не му ги примале пријавите. Затоа сега бара адвокат и ќе оди во ОЈО Битола и ќе побара да биде отворен предмет.