Мојата заложба е да расчистиме со лошите навики и штетни влијанија кои „му пресудија“ на СДСМ, вели кандидатката за лидер на СДСМ во интервју за „Независен“
Дали ќе биде јавна анализата за изборниот пораз на СДСМ или ќе остане само за внатрешна употреба?
Мора да има анализа на резултатите од 2024-та, но и да се вратиме во 2021-ва и во 2020-та кога почна да се наѕира или да се најавува поразот на СДСМ. Уште поважно е таа анализа да не биде задача само на неколкумина, туку членството во рамките на месните и општинските организации да го каже своето мислење. А, членството има многу што да каже за сите 7 години власт на СДСМ и многу точно да ги посочи пропустите, кои во минатото беа ставани под тепих.
Едноставно мора да се соочиме со самите себеси и со нашите слабости за брзо да се вратиме на победничките патеки.
Каде ги лоцирате вие лично причините за повеќе од лошите резултати на СДСМ на парламентарните и на претседателските избори? Од сегашна гледна точка е јасно дека не биле извлечени поуки од поразот на локалните избори во 2021.
Во неисполнувањето на неколку клучни ветувања. Бројчаникот за вратените украдени пари не се постави. Јавноста беше сведок на изигрување на правдата и смеење во лице на сите нас кои чекавме правда. Бегството на Груевски остана неразјаснето, без никој да поднесе одговорност. Неказнивоста на министри и директори кои во своето работење предизвикуваа скандали и незадоволство кај граѓаните, немањето свидителства на крајот од учебната година, немањето учебници на почетокот на учебната година, зафаќање со реформи за кои се немаше претходна подготовка. Скандалите поврзани со Боки 13 и поддршката од високи функционери на СДСМ, случајот Рекет. Што се случи со нема правда, нема мир?
Токму за овие работи треба да се разговара внатре во партијата, но и конечно да се лоцира персонална одговорност за одредени прилично сериозни грешки.
Не беа извлечени поуки ниту од резултатите во 2020. Да, математички ги добивме, ама политички ги изгубивме. И тогаш во некои општини и избирачки места се забележуваше дека губиме гласови, но не се стави акцент на тоа. Сето ова успеа да ги сруши сите позитивни резултати кои се постигнаа изминатите 7 години.
Целото интервју на следниот линк