Потпретседателот на Собранието на Косово и Член на Претседателството на опозициската Демократска партија на Косово (ПДК), Енвер Хоџај, во врска со ситуацијата на северот на државата и прашањето за Заедницата на општини со српско мнозинство, вели дека премиерот Албин Курти во овие три години владеење делувал „целосно спротивно на меѓународните трендови и геополитичките промени“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоџај, кој е и поранешен министер за надворешни работи на Косово, изјави дека косовскиот премиер го искористил северот на Косово како платформа за консолидирање на својата власт.
– Со војната во Украина, со војната во Газа, со евентуална војна во Тајван, меѓународниот поредок се распаѓа и господинот Курти дејствуваше целосно во спротивна насока од меѓународните трендови, од геополитичките промени, а пред се решил во име на една политика да го користи северот на Косово како платформа за консолидирање на својата власт, се цитира Хоџај од приштинскиот портал „Телеграфи“.
Според поранешниот шеф на косовската дипломатија. денес ситуацијата на северот на земјата им помага на Курти во Приштина и на српскиот претседател Александер Вучиќ во Белград да останат на власт.
Хоџај нагласи дека кога неговата партија била на власт, никогаш не ја искористила ситуацијата на северот на земјата за политички популизам.
– Ние (ПДК) дејствувавме во однос на северот на Косово, демонтирајќи паралелни структури, борејќи се против криминалот и организираниот криминал на северот на земјата, правејќи сé за да ја заокружиме државноста на Косово на северот на земјата, интегрирајќи ја српската заедница. Никогаш не сме ја искористиле ситуацијата на северот на Косово за политички популизам. Ова што се случува на северот на земјата не е во прилог на националниот интерес на косовската држава, рече Хоџај.