Седницата на Собранието за избор на новата влада, предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски треба да продолжи денеска, а гласањето ќе следи по завршување на претресот, најдоцна на полноќ. Владата ќе биде избрана ако за неа гласаат мнозинството од вкупниот број пратеници. Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата влада во Законодавниот дом брои 78 пратеници, 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 од Вреди и шест од ЗНАМ.
Програмата за работа на Владата 2024-2028, доставена во Собранието од мандаторот Христијан Мицкоски, е претставена во шест столба на над 60 страни. Носечка цел, како што се наведува, е обнова на довербата во институциите на државна власт, елиминирање на корупцијата и обезбедување на владеење на правото, како и економското заживување со цел создавање на продуктивни и добро платени работни места.