– Во Собранието претпладнево продолжи седницата за избор на новата влада, предложена од мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Гласањето ќе следи по завршување на претресот, најдоцна на полноќ.
Владата ќе биде избрана ако за неа гласа мнозинството од вкупниот број пратеници.
Седницата почна вчера со експозе на Мицкоски, а ја следеа претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и претставници на дипломатскиот кор. Мицкоски ги образложи програмата и предлогот за состав на владата. Најави враќање на довербата во институциите, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот, економско заживување, намалување на даноците, зголемување на пензиите и платите, градење добри односи со соседите, негување на меѓуетничките односи и посветеност на европските интеграции. На опозицијата и порача дека има подадена рака и дека е подготвен да разговара за сите отворени и важни прашања. Опозицијата, пак, оцени дека програмата на новата влада е далеку од дадените ветувања и дека не може да се предвиди дека ќе го реализира она што го ветува.
Прва за збор е пријавена пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска.