Од 14 до 20 јуни, пријавени се 41 нов случај на пертусис, народски кажано голема кашлица. Најголем дел од случаите се пријавени во епидемијата во Скопје – 31, седум случаи се евидентирани од Куманово, два од Тетово и еден случај од Македонски Брод. Возраста на заболените се движи од еден месец до 81 година, а најголем број случаи се од возрасната група до четири години. Од новите, седум случаи или 17,1 отсто се хоспитализирани, информираат попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
– Заклучно со 20 јуни, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 786 случаи на голема кашлица, со инциденца од 42,8/100.000 жители. Тоа претставува неколкукратно зголемување на бројот на заболени во однос на изминатиот петгодишен период – 2019-2023 година, кога се регистрирани вкупно 10 случаи, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Дистрибуцијата по пол покажува дека 366 лица се од машки, а 420 од женски пол.
Најголем број од случаите се хоспитализирани во Универзитетска клиника за белодробни заболувања кај деца во Козле. Во просек, заболените биле хоспитализирани по девет дена.