Јавното обвинителство соопшти дека со спогодбите во случајот „Синџир“, вратени се безмалку 1.000.000 евра во државниот буџет.
Согласно одредбите од Кривичниот законик во врска со овој предмет, на три правни лица за сторено продолжено кривично дело „даночно затајување“, судот им изрече парични казни од по 500.000 денари, на едно правно лице за истото дело му е изречена парична казна од 1.000.000 денари и на две правни лица кои освен „даночно затајување“ сториле и кривично дело „перење пари“ им се изречени казни од 1.000.000 односно 400.000 денари.
Инаку, по одобрување на Обвинителниот акт за предметот „Синџир“, поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основниот кривичен суд Скопје за денеска закажа рочиште за главна расправа.
Истражната постапка против 26 сопственици и управители на 28 правни лица беше започната на 30 октомври 2023 година. Во меѓувреме, истрагата беше проширена за уште две лица, а за едно лице кое при оценка на Обвинителниот акт почина е донесено Решение за запирање на истрагата.
Соочени со прибраните докази во текот на истрагата и периодот за оценување на Обвинителниот акт, шестмина осомничени и шест кривично одговорни правни лица поднесоа иницијативи за спогодување со обвинителството. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје ги прифати Предлог спогодбите и врз основа на истите донесе осудителни пресуди.
Како што се посочува во соопштението на Јавното обвинителство, на Д.И. за сторено кривично дело Злосторничко здружување од чл.394 став 2 вв став 1 и продолжено кривично дело „даночно затајување“ од чл.279 став 2 вв став 1 вв чл.45 од Кривичниот законик му изрече единствена казна затвор во траење од две години која казна нема да се изврши доколку во период од пет години од правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело, воедно му изрече и споредна – парична казна во износ од 183.900,00 денари.
На Ѓ.Л. за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 став 2 вв став 1 и продолжено кривично дело „даночно затајување“ од чл.279 став 2 вв став 1 вв чл.45 од Кривичниот законик му изрече условна осуда – казна затвор во траење од една година и шест месеци која казна нема да се изврши доколку во период од три години од правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело, како и парична казна во износ од 183.900,00 денари.
На В.У. за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 став 2 вв став 1, продолжено кривично дело „даночно затајување“ од чл.279 став 2 вв став 1 вв чл.45 од Кривичниот законик и за помагање во сторување на кривичното дело „даночно затајување“ му изрече единствена казна затвор во траење од една година и парична казна во износ од 310.000,00 денари.
На Е.М за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 став 2 вв став 1 и продолжено кривично дело „даночно затајување“ од чл.279 став 2 вв став 1 вв чл.45 од Кривичниот законик ѝ изрече условна осуда – казна затвор во траење од една година и шест месеци која казна нема да се изврши доколку во период од три години од правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело, воедно ѝ изрече и парична казна во износ од 183.900,00 денари.
На Р.П. за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 став 2 вв став 1, продолжено кривично дело „даночно затајување“ од чл.279 став 2 вв став 1 вв чл.45, помагање во сторување на кривичното дело „даночно затајување“ и за кривично дело „перење пари“ и други приноси од казниво дело од чл.273 став 1 од Кривичниот законик му изрече условна осуда – казна затвор во траење од две години, која казна нема да се изврши доколку во период од пет години од правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело, како и парична казна во износ од 306.500,00 денари и
На Х.К. за сторено кривично дело „злосторничко здружување“ од чл.394 став 2 вв став 1, продолжено кривично дело „даночно затајување“ од чл.279 став 2 вв став 1 вв чл.45 и за кривично дело „перење пари“ и други приноси од казниво дело од чл.273 став 1 од Кривичниот законик му изрече условна осуда – казна затвор во траење од две години, која казна нема да се изврши доколку во период од четири години од правосилноста на пресудата не стори друго кривично дело и парична казна во износ од 183.900,00 денари.
-Согласно одредбите од Кривичниот законик за кривични дела на правни лица како главна казна се изрекува парична казна, а за кривични дела за кои е пропишана казна затвор од најмалку три години, правното лице се казнува со парична казна до еден милион денари или ако делото е сторено од користољубие или е предизвикана штета од големи размери најмногу до петкратниот износ на предизвиканата штета или остварената корист. Така, на три правни лица за сторено продолжено кривично дело „даночно затајување“ од чл.279 став 4 вв став 2 вв став 1 вв чл.45 од Крвичниот законик судот им се изрече парични казни од по 500.000, 00 денари, на едно правно лице за истото дело му е изречена парична казна од 1.000.000,00 денари и на две правни лица кои освен кривично дело „даночно затајување“ сториле и кривично дело „перење пари“ од член 273 став 12 вв став 1 им се изречени парични казни во износ од 1.000.000,00, односно 400.000,00 денари, соопштија од ЈО.
Од ЈО информираат дека при одмерување на видот и определување на висината на санкциите при спогодувањето, земени се в предвид сите олеснителни и отежителни околности, а особено околноста што кривично одговорните правни лица пред склучување на спогодбите го платија целиот износ на данок што го затаиле во вредност од 50.646.400,00 денари или 823.519 евра. Две правни лица обвинети и за „перење пари“, освен уплатениот данок, во текот на постапката уплатиле и средства во вредност од 3.760.068,00 денари или 61.139 евра, средства што ги пуштиле во оптек и на кои извршиле пренос со намера да се прикрие нивното движење. Заедно со пресудените казни во државниот буџет до сега се уплатени вкупно 59.658.568 денари или 970.058 евра.
-Според содржината на диспозитивот на Обвинителниот акт обвинетите во својство на сопственици и управители на правни субјекти во периодот од 01.01.2019 година до 31.12.2021 година во име и за сметка на кривично одговорните правни лица во нивна сопственост и управување, не пресметале и не платиле данок – давачка на која биле законски обврзани. На овој начин, со намера за себе да се стекнат со противправна имотна корист, осомничените предизвикале штета на Буџетот на Р.С. Македонија во вкупен износ од 490.808.618,00 денари или 7.980.627 евра. Парични средства што ги прибавиле со казниви дела во вкупен износ од 40.046.815 денари ги пуштиле во оптег, ги примиле и извршиле пренос на истите, по што ги подигнале во готово, се вели во соопштението на ЈО.