Судот во Париз денеска го потврди налогот за апсење на сирискиот претседател Башар ал Асад за наводното користење на забрането хемиско оружје против цивили во немирите во 2013 година.
Британските медиуми пренесуваат дека потерницата по Асад, што француските судии ја издадоа во ноември минатата година, се однесува на обвиненијата за соучесништво во злосторства против човештвото и соучесништво во воени злосторства, по истрагата на француските истражни органи за хемиски напади во градот Дума, на само 10 километри од Дамаск, и блискиот округ Источна Гута, во август 2013 година, во која загинаа повеќе од 1.000 лица.
„Денеска е посебен ден и ова е историска победа, не само за сириските жртви, туку и за жртвите ширум светот, рече Мазен Дарвиш, шеф на Сирискиот центар за медиуми и слобода на печатот.
Владата на Асад негираше дека користела хемиско оружје во граѓанската војна што избувна во 2011 година.
Ретки се налозите за апсење на актуелни претседатели, бидејќи тие генерално уживаат имунитет од кривично гонење. Меѓутоа постојат исклучоци во меѓународното право кога претседателот се обвинува за воени злосторства и злосторства против човештвото или геноцид.