„Секогаш е задоволство да се биде дел од нешто убаво, нешто што започнува да се гради. Трет ден уште едно ветување исполнето пред граѓаните, граѓаните во Кисела Вода, во Драчево ќе добијат објект после 100 години училиште. Стариот објект е стар точно 100 години. Јас би сакал да посакам многу деца да го користат овој нов објект, бидејќи децата се нашата иднина и сè што правиме во нашите животи правиме за дечињата, да бидеме горди на тие што ќе нè наследат.
Продолжуваме офанзивно, со жестоко темпо на реализирање на ветувањата. Би сакал да напоменам дека инвестицијата е поголема од 1,5 милиони евра, средства обезбедени од централниот Буџет. Јас му честитам и на градоначалникот што ги подготви документите и сето она кое беше неопходно да биде подготвено.
Во текот на вчерашниот ден во доцните часови имав состанок со министерката за финансии, денеска продолжуваме да работиме, го подготвуваме ребалансот и можам да кажам дека во ребалансот ќе бидат обезбедени дополнителни шест милијарди денари за општините. Тоа е малку повеќе од тоа што планиравме, бидејќи цениме дека огласот би бил некаде во месец август за општините, а веќе од септември да почнат тендерите за градба, за да се фати есенската градежна сезона. Иако тоа претставува една третина од годината, средствата се малку повеќе од една третина. Од оние 15 милијарди кои ги предвидуваме од буџетот за реалокација кон општините, не се пет милијарди, туку се шест милијарди денари.
Со домаќинско работење можело. Деновиве ќе работиме и на уште едно ветување кое го кажавме, а тоа е во првата година линеарно зголемување на пензиите за пензионерите. Жестоко работиме на реализирање на ветувањата, бидејќи тоа што сме се обврзале пред граѓаните тоа и ќе го испорачаме. Министерката кажа дека главен приоритет ни е да обезбедиме за сите основци да имаат книга пред себе на 1 септември, ќе дадеме сè од себе и за средношколците тоа да го направат, да имаме и за нив. Сè што можеме и што е во наша моќ, тоа ќе го направиме, бидете сигурни, доста беа порази. Мора да почнеме сите заедно да победуваме, за да може на оние кои ги градиме овие објекти да имаат пристојна и достоинствена иднина”, истакна премиерот Мицкоски на почетокот на градбата на новото ОУ „Свети Климент Охридски” во Драчево, Општина Кисела Вода.