Министерката за енергетика и членка на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Сања Божиновска, директорувала со хрватската канцеларија на фирмата „Руднап“ користејќи бугарски пасош, пишува порталот 360степени.
Во биографијата на министерката што го води новоформираното Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини пишува дека е родена во Скопје во 1980 година. Во графата националност декларирала „македонска“. Има високо образование надвор од државава и работно искуство надвор од државава, меѓу другото, и во групацијата „Руднап“ со седиште во Белград, Србија, каде што била „извршен директор на сите компании во Централна и Источна Европа за трговија со електрична енергија“ и била одговорна за активности во „Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Македонија, Романија, Унгарија, Кипар, БиХ, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Чешка, Австрија, Грција“.
Ако се провери историјатот на филијалата на „Руднап“ во Загреб, кој е бесплатен и јавно достапен запис, на неколку места се среќава името на Сања Божиновска. На ден 6.12.2013 година, кога се правени измени во структурата на компанијата, освен што ѝ е споменато името Sanya Bozhinovska, пишува и дека лицето има матичен број (личен идентификациски број): 38563731070 и број на пасош 382526102, но не на Република Македонија, туку на Република Бугарија. И дека живее на адреса во Белград.
Или, Сања Божиновска, која, според биографијата, тогаш работела за компанијата „Руднап“, во Хрватска била пријавена и се идентификувала со бугарски пасош. А за бугарски пасош, прво е потребно да се обезбеди бугарско државјанство. За некој, пак, да добие бугарско државјанство, треба да се декларира дека се чувствува како Бугарин пред тамошните власти.
Од 360степени се обратиле до министерката Сања Божиновска, но на прашањето дали поседувала или дали во моментов поседува бугарско државјанство и зошто не го декларирала во биографијата приложена кон предлогот за состав на новата влада, таа одговорила:
„Што се однесува до вашите конкретни прашања, во мојата официјална биографија е јасно наведено дека сум македонска државјанка и дека поседувам и чешко државјанство. Во врска со тврдењата за бугарско државјанство, сакам да нагласам дека не поседувам бугарско државјанство и сите релевантни информации се транспарентно наведени во мојата биографија“.
„360 степени“ направиле дополнителни проверки кои покажале дека Сања Божиновска побарала отпуст од бугарско државјанство во втората половина на минатата година и дека процедурата сè уште не е завршена.
Преведено, тоа значи дека Божиновска сè уште е државјанка на Република Бугарија, пишува медиумот.