Кандидатката за претседател на СДСМ, Славјанка Петровска во недела нема да излезе да гласа и ги повика останатите противкандидати да го сторат истото.
Ова денеска таа го соопшти во изјава за медиумите пред партиското седиште.
„Моето име ќе се најде на избирачкото ливче, бидејќи материјалите се веќе испечатени, но јас лично нема да излезам да гласам и се разбира дека тоа треба да го направат и останатите. Не е прашањето кој од нас четворица ќе биде избран, влогот е многу поголем. Во прашање е СДСМ и легитимитетот на сите одлуки што во иднина треба да бидат донесени“ порача Петровска.
Во изјава за медиуми, Петровска посочи дека до неа стигнале многу информации од членови и од општински организации за сериозни неправилности околу избирачките списоци и побара изборите за претседател закажани за в недела да не се одржат, а наместо тоа да се избере времено раководство на партијата.
„СДСМ на секој еден од нас и на кандидатите и на членовите и симаптизерите ни е премногу важен за да го ставиме пред било чии интереси, и затоа ги повикувам останатите противкандидати, во недела да не се одржи гласањето, да одржиме состаноци во рамките на партијата, да се договориме и да избереме времено раководство на партијата, кое ќе биде во можност да спроведе фер и демократски избори тогаш кога ќе се создадат услови за тоа. Во меѓувреме, тоа раководство да има полн легитимитет за да носи одлуки во интерес на партијата“ изјави Петровска.