Во текот на вчерашниот ден, кандидатот за претседател на СДСМ, Венко Филипче ја презентираше својата програма пред членовите во Крушево и во Битола. Тој уште еднаш ги повтори заложбите за обединување на партијата и длабока реформа која ќе донесе ефикасно и професионално работење на сите нивоа.
Во своето обраќање, Филипче се осврна на процесот на бирање на претседател и демократизацијата на партијата. Тој рече дека СДСМ е партија која на најдемократски начин бира претседател во легитимен и фер процес.
„Идниот претседател на СДСМ ќе има целосен легитимитет затоа што го црпи од членовите. СДСМ е демократска партија која уште еднаш тоа го потврдува преку организирање на внатрепартиски непосредни избори. Преку 23 илјади гласачи во недела ќе може да изберат кој сакаат да ја води партијата и ги повикувам масовно да го сторат тоа”, рече Филипче.
Тој кампањата ја оцени како фер и демократска и очекува во недела да се заокружи овој процес со легитимен избор на новиот претседател. Филипче уште еднаш се осврна на обединувањето како предуслов за успешно закрепнување на СДСМ и спречување на натамошни поделби.
„Јас останав доследен во ветувањето дека оваа кампања не треба и не смее да биде насочена кон никој од противкандидатите. Тоа само го слабее СДСМ и им дава материјал за напад на политичките противници кои гледаме дека тоа веќе го искористат. Ветив дека ќе се задржам на презентација на мојот концепт и обединувањето како предуслов за секој иден успех на партијата. Кој и да биде избран за претседател не смее понатаму да прави поделби во партијата. СДСМ оствари историски најслаб резултат и понатамошни поделби ќе го доведат опстанокот на партијата во прашање”, истакна Филипче.