Градинка во Крива Паланка беше поплавена при временските непогоди во последните две деноноќија.
Како што соопшти Центарот за управување со кризи, противпожарната бригада вршела испумпување вода од простории на детската градинка во градот. Биле поплавени и подрумски простории во Крива Паланка, каде водата сама се повлекла. Имало отсечен пат во селото Станци, и се работи на расчистување.
ЦУК објави дека во изминатото деноноќие, до нив стигнале рекордни 2.778 повици од целата држава, најмногу заради невремето.
Граѓаните пријавувале штети и во Скопско, Кумановско, Велешко, Кавадаречко, источниот дел на Пелагонија и делови од Мариово и во други делови од државата.
Невремето предизвика паднати и навалени дрвја, скинати проводници, навалени бандери, проблеми со електрични, интернет и телефонски кабли, поплавени куќи, подрумски простории и гаражи, оштетени покриви, скршени стакла и откачени лимови и олуци од куќи и згради, за оштетени патнички моторни возила, паднати огради, блокирани улици.
Синоќа имаше пријава и за камион кој заглавил со предните две тркала кај ресторан „Јавор“, месност „Камен Дол“, на патот помеѓу Росоман и Прилеп. Интерввенираше противпожарната бригада во Кавадарци и камионот беше извлечен.
Граѓаните се уште треба да бидат внимателни заради можно невреме. Од УХМР известија дека денес во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен пороен дожд и грмежи. Инаку, за време на викендот и во понеделник времето ќе биде стабилно и потопло, а повторно дестабилизирање се очекува од вторник.