Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, ги прими копиите на акредитивните писма од новименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Албанија, Денион Меидани.
Министерот Муцунски, посакувајќи му успешна мисија на новиот албански амбасадор, изрази задоволство од билатералната соработка меѓу двете земји и увереност дека амбасадорот ќе даде значаен придонес во натамошното продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави.
Соговорниците се осврнаа на евроинтеграциите на двете земји, нагласувајќи ја потребата од забрзување на овие процеси во периодот што следи. Се согласија дека враќањето на проширувањето на ЕУ на агендата е значајно за регионот како целина и ќе придонесе за поттикнување на реформските и демократските процеси. Двете земји остануваат посветени на европскиот пат и подготвени да соработуваат во насока на реализација на крајната и споделена цел – полноправно членство во Унијата.
Воедно, стана збор за соработката во однос на претстојниот НАТО Самит, што ќе се одржи идната недела во Вашингтон. Притоа, беше нагласено дека како НАТО сојузници, двете земји споделуваат исти вредности и даваат придонес во унапредувањето на регионалната соработка, што е гаранција за безбеден и стабилен регион.
На средбата се разговараше и за модалитетите за унапредување на билатералните односи, со посебен акцент на економијата, зголемувањето на трговската размена и реализацијата на инфраструктурните проекти, а беа разменети мислења и за регионалните случувања и за актуелните надворешно – политички теми.