Центарот за граѓански комуникации го објави рангирањето на Владата, министерствата и општините според антикорупциските перформанси во јавните набавки.
Рангирањето е според 32 индикатори, а индикаторите се пресметани за 100 институции од централната и од локалната власт, односно за Владата, министерствата, владините секретаријати, како и за сите единици на локалната самоуправа.
Според резултатите, најдобри перформанси кај министерствата имаат Министерството за одбрана и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со ниво на остварување на антикорупциските перформанси од 72 %.
Досегашната министерка за одбрана Славјанка Петровска ја сподели оваа информација на социјалните мрежи.
Инаку, според рангирањето, институциите се сместени во три зони – црвена, жолта и зелена зависно од освоените поени за начинот на којшто ги спроведуваат јавните набавки. 100 % значи максимална, а 0 % никаква заштита од корупција.
„Пресметката на индикаторите е направена врз основа на обработка и анализа на релевантните податоци за сите 5.138 постапки за јавни набавки спроведени од вклучените институции во 2022 година, во вредност од 17,4 милијарди денари (283 милиони евра), а дел од податоците се добиени од самите институции преку барањата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Направената анализа кореспондира и со барањата на Европската Унија од нашата земја, со оглед на тоа што во последниот Извештај за земјата на Европската комисија е оценето дека „националните органи треба да воведат поефикасни антикорупциски мерки во циклусот на набавки“ се вели во публикацијата на Центарот за граѓански комуникаци.