Американскиот претседател Џо Бајден последните денови се соочува со притисок од некои големи демократски донатори кои јавно предупредија дека ќе го укинат финансирањето доколку Бајден не биде сменет како кандидат на партијата по неговиот настап на дебатата минатата недела.
Меѓу донаторите кои предупредија дека ќе укинат средства се Абигејл Дизни, наследничка на семејното богатство на Дизни, холивудскиот продуцент Дејмон Линделоф, холивудскиот агент Ари Емануел и филантропот и претприемач Гидеон Стајн, јави Би-Би-Си.
Бајден се обидува да ја спаси својата кандидатура овој викенд, а тоа го вклучува и денешното телевизиско интервју во ударен термин и организација на собир во Висконсин.
Абигејл Дизни за Си-Ен-Би-Си изјави дека не верува оти Бајден може да го победи Трамп во ноември. Таа рече дека нејзината намера да ја повлече поддршката е заснована на „реалноста, а не во непочитувањето“.
– Бајден е добар човек и одлично и служеше на својата земја, но влогот е превисок, рече Абигејл Дизни, која поддржуваше бројни демократски и демократски иницијативи низ годините. Таа нагласи дека доколку Бајден не се повлече, демократите ќе загубат.
– Апсолутно сум сигурна во тоа. Последиците од губењето ќе бидат навистина страшни“, предупреди таа.
Таа не е единствената која упати јавно предупредување.
Филантропот и претприемач Гидеон Стајн за Њујорк Тајмс изјави дека неговото семејство ќе укине 3,5 милиони долари од непрофитни и политички организации активни во претседателската трка, освен ако Бајден не се повлече.
Холивудскиот продуцент Линделоф, кој донираше повеќе од 100.000 долари на демократите овој изборен циклус, напиша јавен есеј во кој ги повика другите донатори да ги задржат своите средства во, како што тој го нарече „ДЕМбарго“.