Националната конвенција за Европската Унија во Република Македонија (НКЕУ-МК) денеска ќе ја одржи 14-та сесија од Работната група 4 (Поглавје 24) – „ Правда, слободи и безбедност “ на тема: „Преку професионалност и интегритет до транспарентност и отчетност во полициското работење“.
Воведни обраќања во темата ќе имаат проф. Милева Ѓуровска , Национален координатор на НКЕУ-МК и Андреј Лепавцов, претседател на Пан Европската Унија.
Во рамките на Работната сесија ќе се одржи панел-дискусија на која ќе учествуваат експертите Трпе Стојановски, професор на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, потоа Од Беренер Малме, виш советник во Глобалната иницијатива против транснационалниот организиран криминал, како и Наум Паноски, јавен обвинител во Јавното обвинителство и Микаел Коскениеми, проектен менаџер-„Полициско работење во заедницата во Македонија“.
Во вториот дел на сесијата со своја експертиза ќе се претстават Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола, потоа Марк Диксон, раководител на Одделот за јавна безбедност и контакт со заедницата во ОБСЕ, како и Фросина Крушкаровска истражувач во „Евротинк“.
Како што посочуваат организаторите на настанот, се очекува низ дијалог на различни засегнати страни (претставници на релевантни институции, граѓански организации, меѓународни експерти и други) да се разгледаат прашањата поврзани со професионалноста и интегритетот на полициските службеници кои имаат клучна улога во јакнењето на довербата на граѓаните кон полицијата. Овие прашања ќе се разгледуваат во контекст на напорите на Европската унија да ги развие механизмите за надзор на полициското работење во насока на подобрување на постапките за собирањето, ажурирање, управување и спроведувањето на поплаките од страна на граѓаните.
Проектот Национална конвенција за Европската Унија во Република Македонија е платформа за вклучување на граѓанскиот сектор во дебати за теми поврзани со процесот на европската интеграција, со цел да се подготват сите капацитети на државата за претстојниот процес на преговори со ЕУ. Проектот се реализира од страна на Европското движење во Република Македонија, а е финансиран од Делегацијата на Европската Унија во Република Македонија и SlovakAid.